„EcoBloom“– најдобра Џуниор Ачивмент ученичка компанија патува на Европски натпревар во Рига

Posted on: 08.05.2026

Победник на националниот натпревар на ученички компании за учебната 2025/2026 година организиран од Џуниор Ачивмент Македонија е ученичката компанија “EcoBloom” од СОЕПТУ „Кузман Јосифоски-Питу“ – Прилеп. Тимот претстави иновативен и еколошки одговорен производ – 3Д биоразградлив освежувач за автомобил кој содржи семе во својата внатрешност. По употребата, производот може да се засади и да прерасне во растение, со што се намалува отпадот и се придонесува кон заштита на животната средина.

Второто место им припадна на ученичката компанија “VOXERA” од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“- Скопје, која разви напредна AI voice agent платформа. Нивното решение овозможува природна комуникација со вештачка интелигенција која може да одговара на прашања, да обезбедува поддршка и да решава различни кориснички барања, со потенцијал за примена во корисничка поддршка и бизнис автоматизација.


Третото место го освои ученичката компанија “Malesh Bites” од ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово. Нивната бизнис идеја се базира на производство на природни енергетски грицки од шипка и мед, нудејќи здрав, хранлив и одржлив производ кој ги промовира локалните состојки, традиционалните вредности и здравиот начин на живот.

Повеќе од 90 средношколци од 15 училишта, водени од 19 наставници, кои беа дел од Програмата за ученичка компанија на ЏА Македонија оваа учебна година, учествуваа на националниот натпревар на 6ти мај во Скопје. Средношколците предводени од одговорниот наставник имаа можност да презентираат што сработиле во текот на учебната година на штанд, и да се натпреваруваат за прва награда и учество на Европскиот натпревар на најдобри ученички компании кој годинава ќе се оддржи во Рига, Латвија со повеќе од 800 директни учесници.