„Виртуелко за сите“ – практично учење за подобра подготовка на студентите за пазарот на трудот

Posted on: 02.11.2026

Како може економското образование да им овозможи на младите не само да стекнуваат теоретски знаења, туку и да ги применуваат во реални деловни ситуации?

Токму тоа го овозможува платформата „Виртуелко за сите“, преку која студентите имаат можност да учат преку практични деловни симулации, да запознаваат различни деловни процеси и да развиваат дигитални, практични и тимски вештини.

Во рамки на проектот „Виртуелко за сите“, во јуни беше реализирана дводневна обука со студенти во Велес. За искуството од обуката, ангажираноста на студентите и придобивките од примената на платформата во наставата, зборува Радмила Андовска, обучувач и професор во СОЕУ „Јовче Тесличков“ – Велес.

Радмила Андовска, обучувач и професор во СОЕУ „Јовче Тесличков“ – Велес:

„Дводневната обука во јуни, со студентите беше одлично искуство и потврда за значењето на практичната примена на знаењата во економското образование. Студентите покажаа висока мотивираност, ангажираност и способност брзо да ги совладаат деловните процеси преку платформата „Виртуелко за сите“.

Ваквиот начин на учење им овозможува да ги поврзат теоретските знаења со реалните деловни ситуации и да развиваат практични, дигитални и тимски вештини неопходни за нивниот иден професионален развој. Особено ме радуваше нивната активност во деловните симулации и позитивните реакции за можностите што ги нуди платформата. Верувам дека „Виртуелко за сите“ претставува значајна алатка за унапредување на практичната настава и за подобра подготовка на студентите за пазарот на трудот.“