Конференција на наставници во Врњачка Бања – 12-14 октомври 2025 год.

Posted on: 17.10.2025

Од 12 до 14 октомври 2025 година, во Врњачка Бања, Србија, се одржа Националната конференција на наставници, во организација на Џуниор Ачивмент Србија. Настанот собра повеќе од 200 наставници од средните училишта кои спроведуваат програми за претприемничко образование, како и претставници од Македонија и Црна Гора.

Целта на конференцијата беше да се зајакнат капацитетите на наставниците и да се инвестира во нивната понатамошна обука, со цел пренесување на современи знаења и вештини на учениците. Во текот на трите дена, учесниците имаа можност да слушнат инспиративни говори, да разменат искуства и да се вклучат во динамични панели и работилници.

Темите на панел-дискусиите и предавањата опфатија актуелни и инспиративни содржини како дизајн тинкинг и креативно решавање проблеми во наставата, комуникациски трендови и стратегиски пристапи на пазарот, улогата на вештачката интелигенција во образованието, предизвиците и енигмите во наставниот процес, тимскиот дух и соработката во училницата, како и приказни од реалниот бизнис свет кои инспирираат и мотивираат наставници и ученици.

Посебен момент на конференцијата беше прославата на 20-годишнината на Џуниор Ачивмент Србија, која се одбележа со роденденска свеченост и забава за сите учесници.

Конференцијата уште еднаш ја потврди важноста на соработката и размената на искуства меѓу наставниците како двигатели на претприемничкото образование и инспирација за младите генерации.