„Playful Pages“ – Младите иноватори од Велес на Gen-E 2025 во Атина

Posted on: 20.07.2025

Тимот „Playful Pages“ од ОСУ „Јовче Тесличков“ – Велес, победник на Националниот натпревар за ученички компании организиран од Џуниор Ачивмент Македонија, ја претстави нашата држава на најголемиот европски фестивал за претприемништво – Gen-E 2025, кој се одржа од 1 до 3 јули во Атина, Грција.

Овој настан секоја година обединува повеќе од 1000 ученици, студенти, ментори и наставници од над 40 земји. Покрај младите претприемачи, присутни се и претставници на европски институции, лидери од бизнис-заедницата, инвеститори, и креатори на политики кои заедно ја поддржуваат новата генерација на европски иноватори. Ученичките тимови ги презентираат своите бизнис идеи и се натпреваруваат за титулите најдобра ученичка компанија и најдобар стартап на годината. Натпреварувачите се избрани од повеќе од 500.000 ученици кои учествувале во програмите за претприемништво на Џуниор Ачивмент низ Европа во изминатата година.

„Playful Pages“, овогодишниот наш претставник, ја презентираа својата бизнис-идеја – првата инклузивна сликовница на македонски јазик, која преку аудио, видео и визуелна поддршка ги оживува заборавените традиционални детски игри. Нивната цел е да ги доближат овие игри до новите генерации на иновативен, едукативен и општествено одговорен начин. Овој вид иницијатива не само што го поттикнува претприемачкиот дух кај младите, туку и отвора дискусии за културното наследство, иновацијата во образованието и важноста на пристапноста и инклузивноста во детската литература и забава.

Погледнете други објави и интервјуа со тимот:

Старите детски игри на млади иноватори од Велес на европски натпревар за претприемништво во Атина