Учество на Џуниор Ачивмент Македонија на конференција „ТвинТек Talk: Успешно одржан настан за креативност и иновации во ерата на вештачката интелигенција

Posted on: 13.06.2025

Во свет полн со брзи одговори, ТвинТек Talk создаде простор за вистински прашања. Прашања за иднината, за можностите, за улогата на човекот во ерата на вештачката интелигенција.

ТвинТек Talk се одржа на 12 јуни во Кинотека на Македонија и собра професионалци од областа на иновации и технологија, млади претприемачи и претставници од истражувачкиот и деловниот сектор, кои заеднички разменија идеи за иднината на технологијата и улогата на вештачката интелигенција во општеството.

Моника Ризовска Таневска, директор на Women in Tech Macedonia и ко-основач на Ways2Help е наша алумни. Таа говореше за вештачката интелигенција како алатка во служба на човештвото, потенцирајќи ја нејзината примена за позитивни општествени промени. Таа ја истакна денешната улога на вештачката интелегенција во решавањето општествени, здравствени и еколошки предизвици.

Гого Рафајловски, оперативен менаџер во Networker, го истакна интелектуалниот капитал како највредната валута на 21 век. Во своето излагање, тој ја нагласи важноста од заштита и управување со интелектуалната сопственост и иновациите, поставувајќи клучни прашања како: Кој ја поседува креативноста кога човекот и машината создаваат заедно?

Ирена Јакимова, професионален тренер и коуч, зборуваше за синергијата меѓу човечкиот потенцијал и вештачката интелигенција, истакнувајќи како вештачката интелегенција може да служи како поддршка за личен и професионален развој, но и во кои области не може да нè замени. Ирена ги повика учесниците да бидат храбри – да експериментираат, да создаваат и да веруваат дека токму човековата интуиција ќе ја води технологијата.