Средношколци од Велес и нивната бизнис идеја за филтер за прочистување се победници на седмиот Камп на иновации
Posted on: 24.06.2021
Тимот Вин од средното стручно училиште „Димитрија Чуповски“ од Велес, понуди иновативен филтер за прочистување на природна вода, наменет при рекреација во природа во ситуација каде нема пристап до вода за пиење. „Up-grade“ филтерот ги елиминира микробите што се наоѓаат во водата од реката, езерото или дождовната вода и ја прочистува од био-контаминација и бактерии. Иако е примарно наменет за употреба во природа, специјалниот филтер може да се користи и на училиште, работа или во домовите. Циклусот на чистење на водата се активира со едноставно полнење на шишето и протресување.

Второто место го освои тимот од гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин” од Скопје, со својот повеќенаменски ранец, направен од искористени материјали, а кој вклучува и водоотпорна јакна, филтер на вода и полнач со светилка, напојувана од малиот вграден соларен панел. Третонаградена беше идејата за автомати за рециклирање на стари патики од тимот средношколци од „Владо Тасевски”, Скопје. За секој пар оставени стари и износени патики во автоматите, потрошувачите добиваат 10% попуст на спортска опрема во продавниците кои соработуваат со ученичката компанија, а дел од профитот е дониран на социјално загрозени семејства.

Овие и многу други креативни решенија беа претставени од средношколците пред четиричлената жири комисија во текот на минатата недела. Кампот на иновации се одржа во периодот од 9ти до 23ти јуни 2021 година, на кој учествуваа 66 ученици, од 9 тима од средни училишта од Велес, Виница, Кочани, Струмица и Скопје.
Џуниор Ачивмент (ЏА) Македонија повторно ја поттикна вклученоста на бизнис заедницата, која преку 9 бизнис волонтери професионално ги водеше учениците низ процесот на пишување бизнис планови и што значи една идеја да се спроведе во реалност. Учениците на овој начин имаа можност да ја покажат својата иновативност, да го градат тимскиот дух и да се стекнат со нови знаења од областа на претприемништвото.
На свечената церемонија за доделување награди, кoја што се одржа на 23ти јуни на платформата зум, се обрати Ерик Јановски, претставник на канцеларијата на УСАИД во земјава, кој истакна дека се надева дека новонаучените вештини, креативноста и решенијата, на учениците ќе им помогнат да станат креативни претприемачи. Се надева дека искуството, кое го добија учествувајќи во Кампот на иновации ќе го искористат да откријат како да придонесат за подобра иднина во заедницата и во државата. Исто така ја истакна подршката која ја дава УСАИД за младите да земат активно учество во дефинирањето на образовните програми и кариери во својата држава.
Г-нот Јановски исто така им се заблагодари на учениците што во осмислувањето на своите идеи се потрудиле да рециклираат, да бидат инклузивни, но и да користат обновливи извори на енергија.

Раководителот во Фондот за иновации и технолошки развој, Катерина Кречева, верува дека со ова искуство учениците стекнале вредни знаења за понатаму и дека ќе го понесат овој процес како едно позитивно искуство во својот живот. Г-ѓата Кречева се надева дека учениците ќе продолжат во своите претприемачки идеи и дека наскоро ќе ги видиме како основачи на свои компании во иднина. Очекува и се надева дека тимовите на ученици со своите идеи од овој камп на иновации ќе се обратат и до Фондот за да на посистематски начин добијат поддршка од програмите на ФИТР со цел да се поддржат идеите на учениците и да се креираат успешни приказни и една поубава иднина.

На присутните ученици и гости им се обрати и Шериф Мифтари, директор на Центарот за стручно образование и обука, кој на учениците им порача дека натпреварите на Џуниор Ачивмент Македонија се добар модел каде ќе научат да решаваат проблеми, да размислуваат креативно и да ги јакнат своите комуникациски, презентациски и лидерски вештини, при што сето ова е клучно за успех во денешната глобална економија.
Џуниор Ачивмент Македонија со помош на спонзорства обезбеди и две додатни награди за тимовите ученици од Средно училиште “Цветан Димов” од Скопје и “Љупчо Сантов” од Кочани, со што се заокружи уште еден циклус од програмата за учебна година 2020/2021.
