Партнерски состанок во рамки на Еразмус+ проектот „Виртуелко за сите“ се одржа во Охрид

Posted on: 24.08.2026

Од 17 до 18 август, Охрид беше домаќин на третиот партнерски состанок во рамки на Еразмус+ проектот „Виртуелко за сите“, кој Џуниор Ачивмент Македонија го имплементира заедно со партнерите Праскозорје и Економското училиште од Пирот од Србија, како и Интра Ментис од Бугарија.

Во текот на дводневниот состанок, партнерите направија преглед на досегашните активности, ги споделија искуствата од реализацијата на обуките и работилниците, како и добрите практики при користењето на платформата Virtuelco. Посебен акцент беше ставен на размената на искуства од работата со младите и можностите за понатамошно унапредување на методологијата за учење преку симулација.

Покрај евалуацијата на досега реализираните активности, партнерите ги договорија и следните чекори за успешна имплементација на проектот. До крајот на проектот ќе бидат организирани дополнителни обуки за млади од категоријата NEET (млади кои не се вработени, не се во образование или обука), како и завршни конференции во секоја од партнерските земји, на кои ќе бидат презентирани постигнатите резултати и влијанието на проектот.

Проектот „Виртуелко за сите“ се реализира во периодот од 1 јуни 2025 година до 31 декември 2026 година и има за цел да ја подобри финансиската писменост, претприемачките компетенции и вработливоста на младите преку современи дигитални алатки и практично учење.