„Beauty & health – Elladont“ – победникот на Националниот натпревар патува за Талин!

Posted on: 19.06.2022

Победник на националниот натпревар на ученички компании за учебната 2021/2022 година организиран од Џуниор Ачивмент Македонија е  ”Beauty & health – Elladont“ од средното училиште ОСУ „Ацо Рускоски“ од Берово. Компанијата се занимава со производство и продажба на паста за заби Elladont, која е еколошка и изработена од природни и здрави состојки, од природни билки што учениците лично ги собираат од еколошки чист регион, како што се Малешевските Планини. Наменета е за секоја возраст, вклучувајќи ги и најмалите.

Beauty and health – Elladont ќе учествува на Европскиот натпревар на ученички компании, настан кој поврзува илјадници млади претприемачи од цела Европа и кој годинава ќе се оддржи од 12ти до 14ти јули во Талин, Естонија.

Второто место му припадна на тимот од СУГС Раде Јовчевски – Корчагин – InnoPazio. Ученичката компанија произведува модернизиран подметач за топли напитоци, кој ја конвертира топлинската енергија во електрична, со што овозможува напојување на мобилните уреди, независно од положбата.

Третото место го осовои ученичката компанија МИДОРИ од СЕПУГС Васил Антевски Дрен од Скопје која нуди платформа во вид на виртуелна видео игра, како пракса за учениците од средните училишта, кои сакаат да го развиваат и негуваат претприемничкиот дух.

Вкупно 20 ученички компании од 13 средни училишта од земјава беа дел од натпреварот кој се одржа од 26 до 28 мај во хотел Дрим, Струга. Националниот натпревар е завршен настан на кој ученици од средни училишта во земјата заедно со нивните наставници ментори ги презентираат своите ученички компании и своите производи и/или услуги создадени како дел од програмата Ученичка компанија на ЏА Македонија. Оваа изборна образовна програма им овозможува на учениците да бидат вклучени во развој и менаџирање на сопствени компании, да креираат нови производи и услуги и да управуваат со финансиите на компанијата во рамките на своето средно образование.

Џуниор Ачивмент Македонија ги поддржуваше учениците и нивните наставници-ментори низ целата учебна година и на интересен начин ги воведе во сите фази од натпреварот. Над 100 ученици од средните училишта од Берово, Битола, Велес, Виница, Гостивар, Кочани, Прилеп и Скопје се преставија себе си и своите ученички компании преку сценска презентација, изработка на промотивно видео и претставување на штанд. Тие исто така се стекнаа со практично искуство за водење бизнис и маркетинг и ја зајакнаа својата финансиска писменост, како и подготвеност за работа.

Преку свои обраќања на церемонијата за прогласување на победници, учесниците ги поздравија: Џејмс Стајн вршителот на должност директор на Канцеларијата на УСАИД во РСМ, и Министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Националниот натпревар е дел од проектот за Поддршка на претприемничко учење во Европа и Евроазија поддржан од УСАИД и од Фондот за иновации и технолошки развој, а потпомогнат и од Агенцијата за поддршка на претприемништво на РСМ. Трите најдобри тимови добија награди и од овогодинешните помагатели Пакомак,Семос едукација, Национален младински совет на Македонија, Бизнис Академија Смилевски, GDi Скопје и Brainster.

Џуниор Ачивмент Македонија оваа година додели награда и за најдобар наставник – Весна Црнеска Симовска од СУГС „Јосип Броз Тито“, најпретрпеимничко училиште – СОУ „Љупчо Сантов“ од Кочани и најдобар есеј на зададена тема за етичката дилема која и припадна на Ведрана Петрова од СУГС „Јосип Броз Тито од Скопје“.

Преку Програмата за ученичка компанија Џуниор Ачивмент Македонија се стреми да го поддржи развојот на генерации на средношколци кои ќе имаат развиено претприемачки начин на размислување. Образованието за претприемништво е еден од најуспешните концепти што може да влијае на образовните стратегии и помогне во долгорочен развој и поголема вработливост на младите.