„LifePal“ – победници на Националниот натпревар на ученички компании

Posted on: 13.06.2021

Победник на националниот натпревар на ученички компании за учебната 2020/2021 година, организиран од Џуниор Ачивмент Македонија, е ученичката компанија „LifePal“ од гимназијата Никола Карев од Скопје. Нивната компанија нуди интересно и практично решение за непредвидливи ситуации од секојдневниот живот на училиште, работа или при рекреација. Неопходните сетови, претставуваат мали пакетчиња составени од неколку производи, кои ќе бидат лесно достапни од поставените вендинг машини. „LifePal” ќе учествува на Европскиот натпревар на ученички компании, кој годинава се оддржува виртуелно од 13ти до 15ти јули. За прв пат Џуниор Ачивмент Европа и Џуниор Ачивмент Литванија во еден голем настан ГЕНЕРАЦИЈА-Е, ќе ги спојат двата натпревари кои го слават преприемништвото. 

Второнаградената ученичка компанија „TechBook“ од гимназијата Јосип Броз Тито од Скопје, нуди смарт тетратка и веб страна. Веб страната е од едукативен карактер и нуди простор за зачувување на белешките и корисни видеа. Смарт тетратката ќе го олесни начинот на пишување и организирање на училишните белешки и задачи и нуди директен пренос на податоците на компјутер. 

Третото место го освои ученичката компанија „Grow Green“ од СУГС Кочо Рацин од Скопје, која ја разви идејата за еко кафетерија, чии производи се биоразградливи и еколошки. Специфичните растенија кои ќе се одгледуваат во просторот имаат улога на декор и прочистувач на воздухот и ќе бидат користени во продажбата. 

Ова се дел од идеите кои шестчлената жири комисија имаше можност да ги слушне од учениците. На натпреварот, кој се одржа од 10ти до 31ви мај 2021 година, учествуваа 108 ученици од 23 тима од средни училишта од Берово, Битола, Велес, Гевгелија, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп и Скопје. 

Со користење на сите придобивки од технологијата, Џуниор Ачивмент Македонија на интересен начин ги воведе учениците во сите фази на натпреварот по виртуелен пат. Со пишување и изработка на компаниски извештај, претставување на идејата на социјалните мрежи, изработка на промотивни видеа и презентации, учениците ја претставија својата ученичка компанија и ги зајакнаа вештините за тимска работа и презентирање. Со нивните наставници и работењето низ целата учебна година во програмата стекнаа практично искуство за водење бизнис и маркетинг и ја зајакнаа својата финансиска писменост и подготвеност за работа.   

Официјалниот настан за прогласување на Најдобрата ученичка компанија, се одржа на 31ви мај. 

Преку свои обраќања, учесниците ги поздравија: Ерик Јановски, Претставник на Канцеларијата на УСАИД во РСМ, кој нагласи дека претприемничкото образование е успешен модел на учење кој позитивно влијае на долгорочниот развој и вработливоста на младите, а со креирањето на претприемничка култура средношколците можат да заземат активна улога во дефинирањето на своето образование и кариера; Коста Петров, директор на ФИТР, ги поздрави ученичките идеи и иновации и ги охрабри да продолжат да ја развиваат својата идеја во реалност, нагласувајќи ја важноста од поттикнување на креативноста и критичкото размислување и негување на истражувачкиот и претприемнички дух во нашата земја. Мила Царовска, Министерка за образование и наука истакна дека преку поттик за натпревар се развива индивидуалниот и колективниот натпреварувачки дух, личната свест и одговорност, нагласувајќи дека младите треба да бидат поддржани со образовни можности согласно ерата на дигиталната ИТ технологија.  

Националниот натпревар е дел од Проектот за Поддршка на претприемничко учење во Европа и Евроазија, поддржан од УСАИД, Фондот за иновации и технолошки развој и Агенцијата за поддршка на претприемништво на РСМ. Трите најдобри тимови беа наградени и од овогодинешните помагатели СЕМОС едукација и ПАКОМАК.

Џуниор Ачивмент Македонија, оваа година додели награда за најдобра презентација на производот или услугата, преку социјалните мрежи и видеото на ученичката компанија Health Activity Providers од ССОУ Димитрија Чуповски од Велес. За посветеноста во работењето во програмата беа доделени и наградите за најдобар наставник на г-ѓа Снежана Бошковска од гимназијата Никола Карев од Скопје и најпретприемничко училиште – СОЕПТУ Кузман Јосифовски – Питу од Прилеп. За прв пат, Џуниор Ачивмент Македонија додели и награда за најдобар есеј за етичка дилема во бизнис. Ученикот Давид Арсовски од СЕПУГС Васил Антевски Дрен, најуспешно го одбрани својот критички став на дадениот предизвик за етичко однесување.