НАЈПРЕТПРИЕМНИЧКО УЧИЛИШТЕ 2020

Posted on: 23.06.2020

Оваа учебна година 2019/2020 на официјалната церемонија за доделување награди што се одржа на 23ти јуни, во рамки на Националниот натпревар за најдобри ученички компании средното училиште СУГС Владо Тасевски од Скопје беше избрано за најпретприемничко училиште во државата.

Право на учество на овогодишниот избор имаа сите средни училишта во кои се спроведува Џуниор Ачивмент програмата за ученички компании, кои се пријавија на објавениот конкурс.

Изборот се прави и во останатите земји членки на ЏА Европа според однапред определени критериуми кои се во согласнот со стратегијата на ЕУ 2020 за зголемување на креативноста и иновативноста вклучувајќи претприемништво на сите нивоа на образование и обука.

Дел од критериумите според кој беше направен изборот од жири комисијата се: бројот на вклученост на наставници и ученици во Џуниор Ачивмент програмата, начинот на кој е вклучен наставниот кадар во обуките и организирање на активности на претприемничкото образование во училиштето, како и визијата и идните планови на училиштето во промоција на претприемничкото образование

Покрај наградата, ова училиште ќе биде номинирано за 6-то издание по ред Европска награда за претприемничко училиште, кое претставува годишно признание за извонредност, иновативност и проактивност на основни и средни училишта во мрежата на Џуниор Ачивмент Европа.  Европската недела на стручни вештини, во чии рамки се доделува Европската награда се планира да се одржи меѓу 9 и 13 ноември оваа година во Берлин, Германија.