Избор за наставник на годината 2020

Posted on: 19.05.2020

Џуниор Ачивмент Македонија го промовира претприемничкото образование во училиштата, финансиската писменост и подготвеноста за идни работни места во соработка со наставниците кои ја спроведуваат програмата во своето средно училиште.

Наставниците кои се дел од формалното образование ја препознаваат програмата за ученички компании на Џуниор Ачивмент, и преку обуките што се нудат инвестираат во нови знаења и нови методи во работењето во својата образовна институција и на тој начин и ги подготвуваат средношколците  за предизвиците што следат  во светот на бизнисот. Тоа се луѓе ентузијасти кои ги почитуваат своите ученици, охрабруваат тимска работа  и континуирано вложуваат во образованието во сите негови форми.

Најдобар  Наставник на годината е награда што ја доделува организацијата Џуниор Ачивмент Македонија на наставникот ментор на ученичката компанија за неговите заложби во промоција на претприемничко образование, за изразена страст во работата со своите ученици и јасен претприемнички став.

Оваа учебна година 2019/2020 сакаме да ја препознаеме и наградиме работата на сите оние кои се вклучени во програмата за ученички компании и да го избереме наставникот на годината.

Сите наставници кои се дел од програмата на Џуниор Ачивмент можат да се номинираат за изборот за најдобар наставник ментор на ученичка компанија за оваа година.

Најдоцна до 25 Мај 2020 можете да номинирате / или самите да се пријавите за најдобар наставник на годината во Џуниор Ачивмент програмата со краток есеј до 1000 карактери каде јасно ќе наведете зошто сметате дека е најдобар /или зошто сметате дека сте најдобар наставник/ кој треба да е награден за својата работа и испратите на електронската порака до нашата организација info@jamacedonia.mk.

Критериуми за номинација за најдобар наставник:

  • Покажува ентузијазам и мотивација на учениците за учество во програмата за ученички компании на Џуниор Ачивмент.
  • Почитува и поддржува таленти, креативност и способност на учениците, охрабрува тимска работа и ја подобрува комуникацијата меѓу учениците во тимот
  • Ја препознава и шири мисијата на Џуниор Ачивмент и активно учествува на настани организирани од Џуниор Ачивмент Македонија
  • Промовира практично учење и претприемнички став во сопствената образовна институција

Врз основа на примените номинации ќе избереме најдобар наставник кому ќе му врачиме награда и сертификат во рамки на Националниот натпревар за најдобра ученичка компанија за учебната година 2019-2020  на 23 јуни 2020 година.