Избор на најпретприемничко училиште за учебната2023/2024 година
Posted on: 24.12.2023Оваа учебна 2023/2024 година, повторно сакаме да ја препознаеме и наградиме работата на сите оние кои се вклучени во програмите на Џуниор Ачивмент Македонија и да избереме најпретприемничкото училиште. За таа цел распишуваме конкурс за избор.
Кој може да учествува на конкурсот?
На конкурсот може да учествуваат сите средни училишта, во кои се спроведува Програмата за ученички компании на Џуниор Ачивмент Македонија.
Критериуми за избор:
- Дали училиштето располага со одредени ресурси, наменети за претприемничкото образование;
- Вклученост на наставници и ученици во Програмата за ученички компании на Џуниор Ачивмент Македонија;
- Како и на кој начин училиштето соработува и ги вклучува локалната заедница и бизнис секторот во училишните активности;
- Вклученост на училиштето во други активности од Програмата на Џуниор Ачивмент Македонија;
- Колку и како училиштето дава поддршка за професионалниот развој и обуки на наставниот кадар, за развој на претприемничкото образование;
- Каква е визијата и идните планови на училиштето за развој на претприемничкото образование.
Избор на најпретприемничко училиште се прави секоја учебна година и во останатите земји членки на Џуниор Ачивмент Европа, според однапред определени критериуми, кои се во согласност со стратегијата на Европската унија за зголемување на креативноста и иновативноста, вклучувајќи претприемништво на сите нивоа на образование и обука.
Во прилог на оваа порака е доставена апликација, која треба да ја пополни одговорно лице од училиштето и да ни ја испрати на е-маил адреса – info@jamacedonia.mk, најдоцна до 31 јануари 2024 година.
Пристигнатите апликации, ќе ги оценуваат членови на жири комисија.
Прогласувањето на победникот ќе биде во рамки на Националниот натпревар за најдобра ученичка компанија, за учебната 2023/2024 година.
Џуниор Ачивмент Македонија е дел од најголемата глобална мрежа Џуниор Ачивмент (JA Worldwide), која ги поттикнува и помага младите за идните работни места. Преку врвни обуки за финансиска писменост, подготвеност за работа и претприемништво, Џуниор Ачивмент Македонија создава можности за вработување и нови работни места.
Мисијата на Џуниор Ачивмент за инспирација и подготовка на млади луѓе за успешна економија на земјата, е во согласност со една од главните политички насоки на Европската комисија дека „Секој млад човек треба да има практично претприемничко искуство пред да си замине од задолжителното образование“. Програмата за ученички компании е признаена од Европската комисија како „најдобра пракса во претприемничкото образование“.
Со почит,
Џуниор Ачивмент Македонија