Средното училиште “Кузман Јосифоски – Питу” од Прилеп – Домаќин на Камп на иновации во банкарски сектор

Posted on: 03.03.2022

Џуниор Ачивмент Македонија на 9ти и 10ти март 2022, ќе организира Камп на иновации – натпревар во претприемнички вештини за ученици од средното општинско економско училиште “Кузман Јосифоски – Питу” од Прилеп. Кампот на иновации  е дводневен настан во кој учениците работат во тимови за да најдат решение на поставениот бизнис предизвик. Тие преку пристап до интернет и технологија, експертска помош од волонтери од бизнис заедницата, го користат своето знаење, применувајќи претприемачки вештини и тимска работа за да најдат иновативни одговори за предизвикот. 

ЏА Македонија ја продолжува соработката со Шпаркасе банка и оваа учебна година преку нивно учество на натпреварот. Банката ќе учествува во определување на бизнис предизвикот за учениците-тема за натпреварот, во отворањето на натпреварот, како и со вклученост на свои вработени на самата активност.

Преку организирање на ваков тип на настани ги продолжуваме заложбите за зголемена финансиска писменост кај младите. Учениците се мотивираат да размислуваат проактивно, да запознаат претставници од бизнис секторот и локалната заедница. Секој ученик добива сертификат за учеството и му се отвора можност да добие вредна награда.  

На натпреварот кој се одржува на 9ти и 10ти март, учествуваат 40 ученици кои се вклучени во Програмата за ученичка компанија оваа учебна година, распределени во 5 тима по 8 ученици.

Организацијата Џуниор Ачивмент Македонија веќе 4 години организира ваков тип натпревари, како и голем број на обуки и работилници посветени на претприемничкото образование, финансиска писменост и подготвеност за работа на младите. Сите ученици кои се дел од овој натпревар стануваат дел од алумни клубот на организацијата и им се отвора можност за патување и поврзување со илјадници млади луѓе во Европа.