Повик за избор на обучувач за спроведување на обука за наставници од средно образование
Posted on: 07.07.2022Џуниор Ачивмент Македонија во рамки на проектот “Поддршка за претприемничко образование во Европа и Евроазија”, финансиски поддржан од УСАИД и ФИТР, распишува отворен повик за избор на обучувач за спроведување на обука за наставници од средно образование на тема Раководење со проектен циклус (Project Management).
Проектот има за цел да ги зајакне капацитетите на наставниците во спроведување на програми за претприемничко учење, кои ќе им овозможат на младите луѓе да стекнат практично искуство за водење бизнис и развивање на нови вештини.
Обуката за наставниците треба да им овозможи продлабочени знаења и вештини за раководење со проектен циклус, кои потоа ќе ги пренесат на учениците и ќе ги применат при спроведувањето на програмата за ученички компании.
Содржината на обуките треба да ги вклучи сите фази од раководењето со проектен циклус: планирање, формулација, финансирање, мониторинг и оценка, кој е усвоен од Европската унија, а воедно да биде прилагоден на потребите за спроведување на програмата за ученички компании на Џуниор Ачивмент Македонија. Теми кои треба да се опфатат со обуката се следните (но не се ограничуваме само на наведените):
- Основи на проектен менаџмент,
- Раководење со проектен циклус,
- Фази на проектен циклус,
- Буџет на проект,
- Спроведување на проектни активности,
- Мониторинг и евалуација на проект.
Обуката треба да овозможи интеракција, работа во групи, вежби со соодветни формулари/урнеци.
Најпосакуван резултат е наставниците по завршените обуки да умеат да ги пренесат стекнатите знаења на учениците вклучени во Програмата за ученички компании. Тие заедно со учениците ќе може понатаму да работат на развивање на производ или услуга, преку практична примена на раководењето со проектен циклус во сите фази на работата на ученичката компанија.
Планираната обука ќе биде дво-дневна и ќе се одржи со физичко присуство во периодот септември – октомври 2022 г., во договор со извршната канцеларија на Џуниор Ачивмент Македонија и наставниците.
Доколку дојде до заострување на мерките за заштита од Ковид-19, обуката ќе биде одржана по дигитален пат (онлајн) на некоја ИТ платформа.
Успешниот кандидат треба да ги исполнува следните критериуми:
- Да има спроведено најмалку 3 обуки на теми поврзани со раководење со проектен циклус;
- Да има најмалку 3 години искуство во спроведување на обуки, за различни целни групи, вклучително наставен кадар;
- Да е запознаен со Програмата за ученички компании на ЏА Македонија;
- Најмалку високо образование или релевантна експертиза како обучувач од 10 години.
Постапка за изразување интерес:
Со цел да се пријавите за обучувач, треба да испратите:
- Предлог програма за дводневна обука (со физичко присуство) за наставници за раководење со проектен циклус.
- Финансиска понуда изразена во МКД денари нето сума и
- CV и три препораки/референци од слични работни ангажмани.
Рок за пријавување на отворениот повик е 20-ти јули 2022 година до 16:00 часот. Целосната документација за изразување интерес треба да биде испратена на info@jamacedonia.mk.
Доколку имате прашања поврзани со повикот може да ги поставите на: info@jamacedonia.mk до 13-ти јули 2022 година до 16:00 часот.
Изборот на обучувач ќе биде направен најдоцна 1 месец од завршување на крајниот рок за пријавување, врз основа на претходно утврдени критериуми за оценување, по што ќе следи работна сесија за подготовка на обуката со извршната канцеларија на ЏА Македонија.
За нас
Џуниор Ачивмент Македонија спроведува образовни програми во средните училишта низ земјата. Преку врвни обуки, за подготовка за финансиска писменост, подготвеност за работа и претприемништво, создава патеки за вработување и создава нови работни места.