Избор за наставник на годината во учебната година 2021/2022

Posted on: 27.01.2022

Најдобар  Наставник на годината е награда што ја доделува организацијата Џуниор Ачивмент Македонија на еден наставник ментор на ученичката компанија, за неговите заложби во промоција на претприемничко образование, изразена страст во работата со своите ученици и јасен претприемнички став. Сите наставници кои се дел од програмата на Џуниор Ачивмент можат да се номинираат за изборот за најдобар наставник ментор на ученичка компанија за оваа година.

Номинацијата за избор може да ја достави самото училиште, колега, ученик, надворешен соработник или самиот наставник во вид на краток текст (до 1000 карактери) каде јасно ќе наведете зошто сметате дека личноста која ја номинирате треба да биде наградена за својата работа.

Изборот на наставник на годината ќе се одлучи според следните критериуми:

  • Ентузијазам и мотивација на учениците за учество во програмата за ученички компании на Џуниор Ачивмент Македонија.
  • Почитување и поддржување таленти, креативност и способност на учениците, охрабрување тимска работа и подобрување на комуникацијата меѓу учениците во тимот
  • Препознавње и ширење на мисијата на Џуниор Ачивмент и активно учествуво на настани организирани од Џуниор Ачивмент Македонија
  • Промоција на практично учење и претприемнички став во сопствената образовна институција

Номинациите за избор треба да ги испратите на меил info@jamacedonia.mk најдоцна до 25 февруари 2022 со наслов Номинација за наставник име и презиме.

Џуниор Ачивмент Македонија го промовира претприемничкото образование во училиштата, финансиската писменост и подготвеноста за идни работни места во соработка со наставниците кои ја спроведуваат програмата во своето средно училиште. Наставниците кои се дел од формалното образование ја препознаваат програмата за ученички компании на Џуниор Ачивмент, и преку обуките што се нудат инвестираат во нови знаења и нови методи во работењето во својата образовна институција и на тој начин и ги подготвуваат средношколците  за предизвиците што следат  во светот на бизнисот. Тоа се луѓе ентузијасти кои ги почитуваат своите ученици, охрабруваат тимска работа и континуирано вложуваат во образованието во сите негови форми.

Врз основа на примените номинации ќе избереме најдобар наставник кому ќе му врачиме награда и сертификат во рамки на Националниот натпревар за најдобра ученичка компанија за учебната година 2021/2022 година.