Натпревар во претприемнички вештини на средношколци во Струмица, Охрид, Крива Паланка и Тетово

Posted on: 08.12.2021

Во текот на месец ноември и декември, организацијата Џуниор Ачивмент Македонија спроведе 4 натпревари во претприемнички вештини  на кој земаа учество 160 средношколци од прва до четврта година, од различни струки од средните училишта во Струмица, Охрид, Крива Паланка и Тетово. 

Натпреварот познат под иметот “Камп на иновации”, е дводневен настан во кој учениците работат во тимови за да најдат одговор на актуелна тема. Учениците поделени во тимови, преку пристап до интернет и технологија, експертска помош од волонтери од бизнис заедницата, го користеа своето знаење, применувајќи претприемачки вештини и тимска работа за да најдат иновативни одговори за предизвикот. 

Преку учество на натпреварите на 9/10 ноември во СОУ „Никола Карев“ во Струмица, на 16/17 ноември СОСУ “Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, на 25/26 ноември во СОУ “Ѓорче Петров” Крива Паланка и на 2/3 декември во СЕОУ “8ми Септември” во Тетово, 160 ученици  имаа можност да се запознаат со активностите на Џуниор Ачивмент. 40 луѓе од бизнис секторот имаа можност да помогнат со свои совети и експертиза, а учениците да се мотивираат да размислуваат проактивно и иновативно кон дадената тема: да понудат производ или услуга кој ќе придонесе кон поголема енергетска ефикасност.  

Натпреварот е подржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД и  Фондот за иновации и технолошки развој, а се реализира од организацијата Џуниор Ачивмент Македонија – член на светската мрежа Junior Achievement Worldwide.  

Организацијата Џуниор Ачивмент Македонија веќе 5та година организира ваков тип натпревари, како и голем број на обуки и работилници посветени на  практична работа, претприемничко образование и финансиска писменост кои може да ги зголемат вештините и компетенциите на учениците на нивниот пат кон идно вработување.  Сите ученици кои се дел од овој натпревар добиваат сертификат за учеството како и можност да добијат вредна награда. Тие на овој начин стануваат дел од алумни клубот на организацијата со што им се отвора можност за патување и поврзување со илјадници млади луѓе во Европа.