Прогласени победниците на натпреварот на средношколци за претприемнички вештини 

Posted on: 17/12/2020

Тимот “Sun Rolls Systems” од средното училиште „Јосип Броз Тито“ од Скопје го освои првото место на Кампот на иновации – натпревар на средношколци во банкарски сектор, кој се одржа од 25 ноември до 9 декември 2020, во организација на Џуниор Ачивмент Македонија, a во соработка со Шпаркасе банка и Бизнис Академија Смилевски Скопје.  Решението кое го понудија учениците се ролетни со соларни панели кои сончевата ја претвараат во електрична енергија и се користи во објектите кои имаат инсталирано вакви ролетни.  Производот е „зелен“ и ја штити околината. Добитниците на втората и третата награда можете да ги погледнете на оваа објава  

Во натпреварот учествуваа 10 средни училишта од девет града, а учество земаа 109 средношколци и нивните ментори-наставници од Скопје, Гостивар, Крушево, Виница, Охрид, Прилеп, Берово, Гевгелија и Куманово.  14 бизнис волонтери помогнаа за подобра тимска работа и постигнување подобри резултати на натпреварот. Учениците имаа можност преку низа тимски активности, користејќи ги сите придобивки од технологијата да ја покажат својата креативност, иновативност и знаење во областа на претприемништвото пред пет членото жири.   

На свечената церемонија за доделување на награди, која што се одржа на 9 декември Г-ѓата Џ.Р. Литлџон, Вршител на должност на Амбасадата на САД при обраќањето кон младите нагласи дека: “Амбасадата на САД има долга традиција на инвестирање во образованието и вештини за вработување на младите, како одраз на приоритетот кои што го имаме за поддршка како идни лидери.  Импресионирани сме од талентот и потенцијалот што го имате. Вие сте иднината на оваа земја, идните креатори на бизниси, лидери во владата и граѓански активисти. Очекуваме големи работи но знајте дека ќе сториме сè што можеме за да ви помогнеме да ги имате сите можностите што ви се потребни за да возвратите”.  

Директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, г-дин Коста Петров издвои дека „Мотивирани млади луѓе како овие ученици кои се дел од натпреварот се иднината на оваа земја. Она што го направивте во вакво неизвесно време, и фактот што во вакви услови се охрабривте надвор од часовите да работите на вакви одлични проекти, е инспирација за сите нас. Земјата има многу паметни деца кои треба да добијат шанса дома, а наша цел како Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) е да ги поддржиме и дадеме можност таа шанса да ја остварат. Овие ученички проекти може да бидат почеток на вашиот иден бизнис кој ќе прерасне во некој локален производ или услуга.“ 

На присутните ученици и гости им се обрати и Генералниот извршен директор на Шпаркасе банка, г-дин Глигор Бишев, истакнувајќи дека „Вербата во себе, тимскиот дух и знаењето се клучните фактори кои доведуваат до иновации, нови технологии и нови работни места како и до економски раст и просперитет, што е битно за трансформација на едно општество. Стекнувањето вештини и навики за претприемничко однесување, изработка на бизнис план, и преточување на идејата во оперативен, комерцијален потфат се темелните столбови за успех на поединецот, а уште повеќе за просперитет и развој на општеството. Младите се идните лидери, иноватори и двигатели на македонското општество.” 

Заменик Министерот за образование и наука, г-дин Арафат Шабани потенцираше дека „Претприемничките вештини се најпотребни за личен успех и просперитет и обезбедуваат брз настап на пазарот, добивање на работно место, но и за креирање и реализација на сопствена бизнис идеја. Вештини кои значат превземање ризик носење на правилни одлуки.  Благодарност до бизнис волонтерите и до наставниците кои не се ограничуваат само на активностите во рамките на училиштето и често одвојуваат од своето време за да го овозможат развојот на учениците.“ 

Извршниот директор на Џуниор Ачивмент Македонија, г-ѓа Љупка Панчевска заклучи дека “Големиот број на заинтересирани ученици за ваков тип на натпревари, не охрабрува да продолжиме во инвестирање во образованието на младите. И покрај тоа што натпреварот се одвиваше по виртуелен пат, кампот претставува место каде учениците можат да научат нови корисни вештини за тимска работа и презентација и да ги зајакнат своите компетенци и вештини за да бидат конкурентни на современиот пазар на труд”.  Овој натпревар е дел од Проектот за Поддршка на претприемничко образование во Европа и Евроазија, поддржан од УСАИД и ФИТР, кој им овозможува на младите да се стекнат со практично искуство за водење бизнис и развивање на нови вештини, потребни за успешно водење на економијата во земјата.