НАЈДОБРА УЧЕНИЧКА КОМПАНИЈА E “СОУНДСИ” ОД ГЕОРГИ ДИМИТРОВ

Posted on: 23/06/2020

Џуниор Ачивмент Македонија, во рамките на програмата за ученички компании, трета година по ред организира Национален натпревар на најдобра ученичка компанија. Оваа година за натпреварот се пријавија 25 ученички компании од 18 средни училишта од земјава. Победникот на Националниот натпревар е ученичката компанија “Соундси” од средно училиште Георги Димитров од Скопје.

Оваа учебна година, состојбата со пандемијата наметна нов изменет модел на натпреварот со употреба на новите технологии и нови интернет алатки за претставување на ученичките компании по виртуелен пат. Низ двете фази од натпреварот, сите 25 ученички компании имаа можност да ги презентираат производите и услугите кои ги развивале за време на учебната година, додека во втората фаза учествуваа најдобрите 10 ученички тима, избрани од петчлената комисија. Десетте финалисти имаа можност на 16 и 17 јуни да се натпреваруваат за титулата Најдобра ученичка компанија за 2020 година.

Официјалниот настан за прогласување на Најдобрата ученичка компанија се одржа на 23 јуни 2020 кога беа доделени и награди за најдобар наставник, г-ѓа Татјана Голчева од средното училиште на град Скопје Раде Јовчевски Корчагин и најпретприемничко училиште, средното училиште на град Скопје Владо Тасевски.

Преку свои видео пораки, на учесниците им се обратија: Салваторе Нигро, Извршен директор на ЏА Европа, кој истакна дека учениците се темел на идната работна сила на нашата земја; Ерик Јановски, Претставник на Канцеларијата на УСАИД, кој нагласи дека програмата е инвестиција не само во учениците туку и во иднината на земјата; Јован Деспотовски, претставник на ФИТР кој ги повика младите луѓе да останат во земјата и да придонесат со своите идеи и иновации во својата држава, и Арбер Адеми, Министер за образование и наука кој ја истакна важноста од партнерства со организации кои го помагаат воспитно образовниот процес особено во претприемничкото образование кои ќе влијаат во промените и донесат економски просперитет”.

Победникот на Националниот натпревар, ученичката компанија “Сoундси” од средно училиште Георги Димитров од Скопје ќе учествува на Европскиот натпревар на ученички компании, кој годинава се оддржува виртуелно од 22-24 јули со присуство на 40-тина национални победници од земјите членки на Џуниор Ачивмент Европа. Второ и трето пласираните ученички компании од средно училиште Владо Тасевски од Скопје и средно училиште Јосиф Јосифовски од Гевгелија беа исто така наградени од овогодинешните спонзори GDI, SEMOS едукација и ПАКОМАК.

Видеото од завршната церемонија за прогласување на победникот може да го најдете на следниот линк:

Натпреварот е поддржан од Американската агенција за меѓународен развој УСАИД и Фондот за иновации и технолошки развој, а го реализира организацијата Џуниор Ачивмент Македонија.